Венеција во вторникот во пресрет на католичко Божик бележи нов пик на нивото на морето кое достигна 139 сантиметри, а за во среда се предвидуваат 120 сантиметри, соопштија градските власти.
Плимниот бран кој надминува 80 сантиметри се нарекува „аква алта“ (висока вода). Критичното ниво започнува со 140 сантиметри, кога 59 отсто од површината на Венеција е под вода. Градските власти во вторникот претпладнето издадоа на Twitter предупредување дека плимата може да достигне околу 150 сантиметри, односно над критичното ниво.
Градот сместен во лагуната закрепнува од невообичаената „аква алта“ од 187 сантимери кој ја погоди Венеција на 12-ти ноември, кога беа ппоплавени 80 отсто од градот. Ова беше највисокото ниво во последните 53 години и предизвика непроценлива штета.
Плоштадот и Базиликата на свети Марко, една од главните знаменитости на Венеција, особено настрадаа. Градските власти ја проценуваат штетата на околу милијарди евра.
Поплавите ги исплашија и туристите. Здружението на венецијанските хотелиери во петокот соопшти дека бележи рекорден број откажувања, но истакнува дека градот и натаму е безбеден за туристите. Сепак, бројот на хотелските резервации за божикните и новогодишните празници е преполовен во однос на истиот период минатата година. Хотелиерите ја проценуваат загубата на 400 милиони евра, но посочуваат дека оваа бројка не е конечна.
Поради поплавата, италијанската влада објави вонредна состојба во Венеција и издвои 20 милиони евра за справување со последиците од поплавата. Подоцна министерството за инфраструктура и транспорт објави дополнителни 65 милуиони евра.