Во пресрет на избори УЈП ќе троши 27 милиони денари за привремени вработувања

Полнењето на државната и јавната администрација продолжува. Имено, во пресрет на локалните избори кои треба да се одржат во втората половина на октомври, предизборно во период од неколку месеци распишани се тендери за привремени вработувања во стотина државни институции, министерства, општини како и јавни претпријатија.

Сумите кои се трошат на привремени вработувања се бројат во милиони евра. Последна во низата е Управата за јавни приходи (УЈП) која ќе потроши 440 илјади евра за привремени вработувања.

Согласно објавените документи на Бирото за јавни набавки доделениот тендер изнесува 27 милиони денари, а договорот е потпишан на 11 мај.

Како еден од клучните сегменти зошто владата на СДСМ не доби датум за почеток на преговорите со Европската унија е и отсуството на реформа во администрацијата која според ЕУ требаше да биде професионална, непартиска и во функција на граѓаните.

Според упатените најлесно да се вработи партиски кадар, а да не биде преку оглас е да се ангажира преку договор за привремено вработување, па по неколку месеци да се вработи со договор на неопределено.

Разликата меѓу редовното вработување и она што е со привремено вработување е што секој што сака да се вработи во државната администрација треба прво да се пријави на оглас за чие одобрување треба да даде министерот за финансии и да се поминат сите филтри како интервју за работа и исполнување на одредени критериуми и стандарди. Но кај оние со привремени вработувања доволно е да се ангажира Агенција за привремени вработувања, која оди во ставка “услуги“ на која ќе и се се исплати одреден надоместок за нејзината улога и толку.

Други критериуми и квалификации не се потребни. Најважната работа кај овие вработувања е што овие договори од привремени со постоечкиот закон се трансформираат во договори на неопределено време, што остава простор за злоупотреба и вработување на „партиски послушници“.