Во претпазливо тргување европските и азиските берзи го следат растот на Волстрит

Цените на акциите благо пораснаа на европските берзи во вторник претпаднето, а тргувањето е претпазливо бидејќи инвеститорите ги анализираат кварталните деловни извештаи на компаниите и го следат развојот на ситуацијата на Блискиот исток.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции порасна за 0,3 отсто, зајакнувајќи втор ден по ред. Претпладнево лондонскиот FTSE индекс зајакна 0,25 отсто, на 7.649 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,13 отсто, на 15.258 поени, а париски CAC за 0,09 отсто, на 7.028 поени.

Во фокусот на инвеститорите се кварталните деловни резултати на компаниите, но и со едно око го следат развојот на состојбите на Блискиот исток. Аналитичарите велат дека тоа не би требало значително да влијае на пазарот, доколку не дојде до ескалација на конфликтот меѓу Хамас и Израел и доколку не се вклучат некои други земји од регионот.

Цените на акциите пораснаа и на азиските берзи. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, порасна за 0,5 отсто во истиот претпладневен пресек како во Европа, враќајќи ги вчерашните загуби. Истовремено, јапонскиот индекс Nikkei зајакна за 1,2 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Шангај, Хонгконг и Јужна Кореја пораснаа меѓу 0,3 и 1 отсто.

Сепак, азиските инвеститори претпладнево се претпазливи. Меѓу другото, поради фактот што кон средината на седмицата ќе бидат објавени неколку важни извештаи кои ќе ја покажат состојбата на кинеската економија. Така, во среда ќе биде објавен извештајот за бруто домашниот производ (БДП) во третиот квартал, а аналитичарите очекуваат забавување на растот до 4,4 отсто на годишна основа, откако економијата во претходниот квартал порасна за 6,3 отсто.

Кинеските пазари претпладнево ги поддржа најавата на десетина компании дека ќе ги откупат своите акции на пазарот. На тоа ги наведоа неодамнешните мерки на кинеските власти, кои настојуваат да ја зајакнат довербата на инвеститорите на пазарот.

Инвеститорите беа донекаде охрабрени од вчерашниот раст на њујоршки Волстрит, кога Dow Jones зајакна 0,9 отсто, додека S&P 500 порасна за 1,1, а Nasdaq индексот 1,2 отсто. Растот на индексите дојде благодарение на подобрите од очекуваните квартални деловни резултати на повеќето компании и банки кои досега објавуваа финансиски извештаи.

Вчера, на пример, цената на акцијата на „Charles Schwab“ скокна за речиси 5 отсто, откако брокерската куќа објави помал од очекуваниот пад на заработката. Во наредните денови резултатите ќе ги објават и другите големи компании, меѓу другите, „Bank of America“, „Goldman Sachs“, „Morgan Stanley“, „Tesla“, „Johnson&Johnson“ …

Инвеститорите се оптимисти, надевајќи се дека позитивниот тренд ќе продолжи. Сезоната за објавување на кварталните извештаи само што започна, но досега повеќето компании пријавуваа подобри резултати од очекуваните, па се зголемија и проценките. Аналитичарите сега проценуваат дека заработката на компаниите од индексот S&P 500 е зголемена за 2,2 отсто во третиот квартал во однос на истиот период лани, додека пред една седмица се очекуваше раст од 1,3 отсто.

Пазарите се поддржани и од надежите надежта на инвеститорите дека американската централна банка нема дополнително да ги зголемува каматните стапки. Вчера, Патрик Харкер, претседател на филијалата на Federal Reserve (Fed) во Филаделфија, порача дека верува оти централната банка најверојатно го завршила циклусот на зголемување на каматите.