Во Прилеп одбележан празникот Рамазан Бајрам

По 30 дневниот пост верниците муслимани од Прилеп го прославија денешниот празник Рамазан Бајрам во новоизградената џамија во населбата „Тризла“. Според верувањето на муслиманите Рамазан Бајрам е време на пост, молитва, солидарност и милосрдие, кога верниците во текот на целиот ден се воздржуваат од конзумирање храна, цигари и алкохол, но и од правење на лоши дела. Постот почнува со изгрејсонце (суфур) и трае до зајдисонце (ифтар). Јадење и пиење се дозволени само во текот на ноќта. Од пост се ослободени децата, бремени жени, доилки и болните.

„Упатувам честитки до сите муслимани во Општина Прилеп, им го честитам овој величествен ден Бајрам кој го дочекуваме после еден месец пост во кој муслиманите се воздржуваат од јадење и пиење, што е строга наредба од Севишниот Бог Алах Џелешану. Постот започнува од изгрејсонце и трае се до зајдисонце. Затоа овој ден значи многу за самите муслимани, ден на кој се испраќаат пораки за мир, толеранција, мешусебно почитување и помирување на оние кои се скарани. Чест ми е што денес се наоѓаме тука во оваа џамија во која внатрешниот ентериер е завршен над 95 проценти“, рече Алмир Сулејманоски, имам.

Празникот беше дочекан во новата џамија во населбата „Тризла“ која се изгради за рекордно кратко време од само шест години и која долго време беше желба за верниците муслимани. Изградбата на верскиот храм е скоро готова, а тој се градеше со пари од локалната самоуправа и разни донатори. Инаку ова прв муслимански верски објект изграден во Прилеп после векови.

„За изградбата на џамијата најголема заслуга има локалната самоуправа на Општина Прилеп на чело со градоначалникот Марјан Ристески. Изградбата на овој објект пррактично започна без ниикакви средства. Прво немавме средства за проектот, за елаборатот и за другиот вид на потребна документација. За сето тоа помогна градоначалникот Марјан Ристески и тој има голема улога во ова што го гледаме денес. Сега потребно е да се доизгради и капелата во овој објект. Се надевам дека за една до две години целосно ќе се доуреди џамијата“, рече Сулејман Фејзулоски, првиот иницијатор за изградба на оваа џамија.

„Внатрешната изградба е при крај. За овој проект бевме постојано во координација со локалната самоуправа во Прилеп, на чело со градоначаникот Марјан Ристески. Исто така соработувавме со нашите браќа што работат во Америка, Австралија, Австрија, Германија и Швајцарија. Во изградбата помогна и нашиот министер без ресор Неждет Мустафа. Им се заблагодаруваме на сите кои помогнаа за изградбата на оваа џамија. На сите верници од муслиманска вероисповед им го честитам празникот Рамазан Бајрам и на сите им посакувам бериќет, здравје, среќа и успех“, кажа Самир Бајрамоски, претседател на верска заедница „Екли сунет Велџемат“.