Со потсетување на неговите живот и дело и со најава на проект, во прилепската градска библиотека „Борка Талески“ вечерва се одбележани 80 години од смртта на големиот турски државник Али Фети Окјар, роден прилепчанец. На потсетувањето на делото на Окјар присуствуваше и амбасадорот на Република Турција во земјава, Хасан Мехмет Секизќок.
Али Фети Окјар два пати бил премиер на Турција, петпати пратеник, претседател на турското собрание, дипломат и цело време близок соработник со Мустафа Кемал Атататурк со кого учел во битолската гимназија, а подоцна и на воената академија во Истанбул. Но, многу малку се знае за Окјар во Прилеп кој во јавноста почна да се споменува последниве години. Проектот на прилепскиот Завод и музеј опфаќа истражување за во октомври да биде документирана и отворена сеопфатна изложба.
-Али Фетхи Окијар е значајна личност во Република Турција, но интересно е тоа што е роден во Прилеп и преку неговиот лик сакаме да направиме една меѓуинституционална, една меѓунационална, меѓу државна соработка и неговиот лик да го направиме подостапен до јавноста. За него последниве години се дозна дека е по потекло од Прилеп и играл голема улога кога е создадена Турската република. Како институција го поднесовме овој проект до Министерството за култура и имаше слух да го прифати, особено што годинава се навршуваат 80 години од смртта на Окјар, 85 години од смртта на Кемал Атататурк и што е многу битно, годинава се одбележуваат 100 години од создавањето на модерна Турција и прогласувањето како Република. Следува дополнително истражување за неговите лик и дело. Во октомври или почетокот на ноември ќе приготвиме изложба и во соработка со внукот на Окјар сметам дека ќе дојдеме до повеќе документи за Окјар, објаснува Рубин Белчески, историчар од Заводот и музеј, раководител на проектот.
Внукот на Али Фети Окјар, кој го носи името на својот славен дедо пристигна од Истанбул и смета дека ова ја унапредува соработката меѓу двете земји. Горд е штои дедо му потекнува од Прилеп и ќе помага во проектот.
– Многу сум задоволен што се прави ваква комеморација во името на мојот дедо кој е роден во Прилеп и многу сум горд поради тоа. Ова ја зголемува поврзаноста на двете земји и ќе биде од голем придонес. Со развивањето на проектот планирам да имам мој придонес и ќе помогнам на каков било начин, со текот на проектот тоа ќе го правам, рече Али Фети Окјар, внук на големиот турски државник.
За прилепските локални власти ова ја продлабочува соработката со Турција. Градот ќе му оддаде почит на сограѓанинот Окјар.
– Прилеп има со што да се гордее и презема иницијатива овој поборник за демократија, за либерален поглед на светот да заслужи почесно место во својот роден град. Во координација и соработка со Музејот и Министерството за култура можеме да подготвиме обележје, на пример спомен соба, споменик или име на некоја улица, изјави Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп
Документираната изложба на Музејот за Окјар се планира кон крајот на октомври во пресрет на 100-годишнината од прогласувањето на Турција за Република.