На паркингот пред спортскиот центар „Борис Трајковски“ се одржа натпревар за спасување и извлекување на жртви во тешки сообраќајни несреќи.
Натпреварот е во организација на АМСМ, во соработка со Операцијата Флориан, невладина организација од Велика Британија ЗЕЛС, ДЗС, Тојота, Вимпекс, Црвен Крст, РСБСП и противпожарни бригарди во РМ. На настанот присуствуваше и министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска, која имаше свој поздравен говор.
Министерката истакна дека во првите четири месеци од годинава на патиштата низ Република Македонија се случиле вкупно 1.082 сообраќајни незгоди со потешки последици. Во овие незгоди настрадале вкупно 1.630 лица, од кои 1.592 се повредени, додека 38 лица ги загубиле животите.
Тоа се над 1.630 семејства кои ќе мора да живеат со помали или поголеми трауми од сообраќајните несреќи за само четири месеци. Тоа се фактите со кои мора да се соочиме. Сообраќајните несреќи денес се еден од водечките фактори за предизвикување на ненадоместливи последици со губењето на човечки животи и страдањата на голем број на повредени, додаде Јанкулоска.
На денешниот настан акцент е ставен на одговорот по настаната сообраќајна несреќа.
Со едукација на младите за неопходните постапки по случена сообраќајна несреќа и можните опасности од нестручно и несоодветно постапување и со овозможување на услови за давање волонтерска поддршка на противпожарните единици, можеме значително да придонесеме за намалување на бројот на загинати во сообраќајни несреќи и секако за ублажување на последиците од сообраќајните несреќи, рече Јанкулоска.
Таа додаде дека ваквиот пристап е за поздравување и дека гарантира дека во Република Македонија со ваков пристап и однос на сите институции и организации ќе имаме поголема безбедност на патиштата.