Во првиот квартал извозот намален за 10,8 проценти, увозот за 6,3

Вкупната вредност на извозот на стоки од државава, во перидот јануари-март годинава, изнесува 1.552.953.000 долари и бележи пад од 10,8  проценти во однос на истиот период лани. Вредноста на увeзената стока, во првиот квартал годинава, изнесува 2.116.414.000 долари, што е за 6,3 проценти помалку во споредба со првите три месеци од претходната година. Трговскиот дефицит, во перидот јануари-март годинава, изнесува 563.460.000 долари, објави денеска Државниот завод за статистика.

Покриеноста на увозот со извоз, во перидот јануари-март годинава изнесува 73,4 проценти.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел).

Во увозот, пак, најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Во првиот квартал годинава, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, нашата држава најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија.