Во првите три месеци од годинава ЗК Пелагонија АД Битола оствари оперативни приходи во износ од 514.963 илјади денари, информира компанијата преку Македонската берза.
– Истите бележат зголемување од 357% во однос на истиот пресметковен период од претходната деловна година. Во структурата на оперативните приходи, приходите од продажба изнесуваат 126.684 илјади денари, кои опфаќаат 24,60% од вкупните оперативни приходи. Приходите од продажба бележат тренд на зголемување во однос на претходната година и истите се зголемени за 23% или во апсолутен износ за 23.956 илјади денари. Останатите оперативни приходи кои опфаќаат износ од 388.279 илјади денари учествуваат со 75,40% во вкупните оперативни приходи и истите бележат зголемување за 13 пати во однос на првиот квартал од претходната деловна година – велат од компанијата.
Оттаму додаваат дека енормното зголемување кај останатите оперативни приходи произлегува пред се од добивка од продажба на удел која изнесува 380.148 илјади денари.
Во структурата на останати оперативни приходи во овој пресметковен период нема учество на приходи од премии, субвенции или дотации.
– Остварените оперативни расходи со состојба 31.03.2021 година опфаќаат износ од 227.051 илјади денари и истите се зголемени за 9% во однос на истиот период претходната година, а се помали во однос на оперативните приходи во износ од 291.031 илјади денари – информираат од ЗК Пелагонија.
Промената на вредноста на залихите во анализираниот период за тековната година како разлика помеѓу вредноста на залихите на почетокот и на крајот на годината генирира приходна ставка во износ од 4.105 илјади денари и Друштвото оствари оперативна добивка во износ од 295.136 илјади денари.
– Во пресметковниот период остварени се финансиски приходи во износ од 55 илјади денари, што преставува зголемување за 53 илјади денари во однос на истиот пресметковен период од минатата деловна година. Финансиските расходи изнесуваат 33.328 илјади денари и истите се за 31.951 илјади денари зголемени во однос на првиот квартал од 2020 година кога изнесувале 1.377 илјади денари. Според изнесените показатели компанијата прикажа позитивен финансиски резултат во износ од 261.863 илјади денари – стои во извештајот објавен на сајтот на Македонска берза.