Во Пустец ќе се отвори бугарски клуб на денот на големите просветители „Св. Кирил и Методиј“

На утрешниот голем празник на сесловенските просветители „Св. Кирил и Методиј“, во село Пустец во Република Албанија каде што живеат само Македонци ќе биде отворен бугарски клуб.

Ваквата информација преку социјалните мрежи ја објави претседателот на така наречената бугарска фондација „Фондација Македонија“ Виктор Стојанов.

-Пристигнавме во нашето село во Албанија. Пустец. Во среда на најголемиот бугарски празник тука ќе има бугарски собир, пишува Стојанов во својата објава на Фејсбук.

Ова не претставува ништо друго, освен провокација и обид за асимилација на македонското малцинство во Албанија велат мештаните, а ваквите активности се засилиле токму по потпишувањето на договорот за добрососедство и соработка помеѓу Македонија и Бугарија од 2017 година.

Мештаните тврдат дека на терен засилено се работи и пропагира бугарска идеологија и наголемо се издаваат пасоши на Македонците во Албанија.

-Тоа не е никава тајна, после потпишувањето на договорот за добрососедство и соработка помеѓу Македонија и Бугарија од 2017 година, бугарските активности во Албанија, а особено во Мала Преспа се засилија. Невработеноста и условите за живот ги тераат младите излезот да го бараат надвор од Албанија, а најлесен избор во моментов е бугарскиот посош со кој можат да патуваат и работаат низ Европа. На сите им е јасно, а особено и на оние кои го пропагираат ова дека во Албанија нема Бугари и дека единствениот интерес на сите жители од економски причини е токму пасошот кој им отвора можности на младите да се иселат и да работат во некои од странските земји, велат мештаните.

Инаку, договорот кој го потпишаа Македонија и Бугарија требаше да ги реши отворените прашања помеѓу двете земји, но истиот не само што не ги реши туку и ги продлабочи, притоа зголемувајќи ги бугарските барања кон Македонија, и стана главна пречка на патот на нашата земја кон ЕУ.