Во Радожда карпи се срушија во дворот на куќата на семејството Пејоски, за влакно избегната трагедија

Карпа со тежина од околу 50 тона се срушила од гребенот над Радожда, и паднала во двор на куќа во која во тие моменти имало 15 луѓе од кои четири деца. Одронот претставувал закана и за десеттината околни куќи.

Силниот удар и непносливиот татнеж, ги кренал на нозе радождани кои бргу ги напуштиле своите домови, објави „Алфа“.

-Не стравувам за својот живот, стрептам за моите деца и внучињата оти само чудо не спаси од огормните камења кои се одделија од карпата и се срушија врз помошните простории, малку фалеше нашата куќа да ја срамнат со земја – велат вознемирените сопружници Пејоски, кои стравуваат такво нешто да не се повтори.

-Секоја минута очекувам дека ќе загиниме, дека ќе не потфати каменов. Дечињата ги будевме за на школо, кога почнаа да пиштат, јас не знаев кога да го смирувам побрзо – вели Живка Пејоска.

-Станавме сите. Сите имаме страв. Шокирани бевме, како да Ви речам. За да оставам дете мое овде да живее, нема шанси, а за нас постари и на мене не мрдам од овде, не ми треба никаде да одам, децата барем да се спасат – вели Гаврил Пејоски.

Меѓу жителите на Радожда постои страв и паника затоа што половина од куќите во селото се изградени буквално под карпите. Доколку не реагираат надлежните, размислуваат барем времено да се иселат од таму бидејќи не се чувствуваат безбедни.

-Па селото навистина е под карпа и постои опасност целата карпа да се сруши, ќе се сруши бидејќи никој не е дојден овде да види. Од сите страни е испукано. Треба да дојдат геолози да испитаат, бидејќи овде не е безбедно за живеење повеќе – вели Михало Сајкоски.

Општинските инспектори излегле на терен, направиле неколку фотографии и заминале, но притоа не .одговориле што ќе превземат и колкава е опасноста карпите повторно да се срушат и колку е безбедно населението.

Доброуаптени извори за „Алфа“ велат дека е факт оти во туристичко Радожда, поради атрактивноста нелегално се градат голем број куќи, кои потоа се легализираат и за тоа некој мора да понесе одговорност.