Во разговорот со Нетанјаху, Бајден повика на примирје

Американскиот претседател Џо Бајден повика на примирје во деветмесечната војна во Газа во разговорот со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во четвртокот во Вашингтон.

Ова беа први приватни разговори меѓу двајцата политичари откако Бајден отпатува во Израел по нападот на Хамас на 7 октомври, кога средечно го прегрна Нетанјаху и вети американска поддршка.

Портпаролот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, рече дека остануваат разликите меѓу Израел и милитантите на Хамас кои владеат со палестинската енклава за тоа како да се постигне примирје „но ние сме поблиску до тоа сега отколку кога и да е досега“. Двете страни мора да направат компромиси“, рече Кирби.

Портпаролот на Стејт департментот, Мет Милер, рече дека верува оти пораката „од американската страна на тој состанок ќе биде дека треба да преговараме за овој договор“.

Посетата се совпаѓа со пресвртот во американската политика. Во неделата, 81-годишниот Бајден се повлече од претседателската трка под притисок на другите демократи и ја поддржа Камала Харис за претседателската номинација на Демократската партија во 2024 година.

„Имаме многу работи за разговори“, рекол Бајден кога се сретнал со Нетанјаху во Овалната соба на Белата куќа.

„Сакам да ви се заблагодарам за 50-годишната јавна служба и 50-годишната поддршка за Државата Израел“, му рекол Нетанјаху на Бајден.

Доцна попладне по американско време, потпретседателката Камала Харис, исто така, се состана со Нетанјаху во нејзината свечена канцеларија во Белата куќа.

Состанокот се следи внимателно за да се види како Харис, која најверојатно ќе биде кандидат на Демократската партија по повлекувањето на Бајден од трката, би можела да ја сврти американската политика кон Израел доколку таа стане претседателка.

Се очекува Харис да го следи ставот на неговата администрација на состанокот, рече еден американски функционер, обрнувајќи внимание на страдањата на Палестинците, истовремено поддржувајќи го правото на Израел на самоодбрана.

Бајден и Нетанјаху се сретнаа со семејствата на американските заложници кои се уште ги држи Хамас по нивната средба во Белата куќа. Односите меѓу двајцата лидери се затегнати со месеци поради израелската офанзива во Газа, во која загинаа повеќе од 40.000 луѓе, соопштија здравствените власти во Газа.

Соединетите држави се најважниот добавувач на оружје на Израел и ја заштитија земјата во Обединетите нации за време на клучните гласања.

Посетата на Нетанјаху доаѓа по драматичната одлука на Бајден да не се кандидира повторно за претседател.

Во петок Нетанјаху ќе отпатува за Флорида за да се сретне со поранешниот претседател и републикански кандидат Доналд Трамп.