„Потсетуваме дека во преговорите за нов Општ колективен договор за јавниот сектор беше прифатено дека линеарното зголемување на платите за најмалку 2.806 денари ќе се случи со ребалансот на буџетот, како што бевме убедувани од Владата, но за жал се покажува дека тоа било само купување на време и играње со судбината на 130 илјади работници во државата во време кога економската,енергетската криза и инфлацијата ги јадат работничките плати“.
Вака се наведува во реакцијата од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) во однос на најавениот ребаланс на Буџетот.
Бараат итна средба со Владата, на која ќе биде потврдено тоа што начелно беше договарано и истото да се реализира веднаш.
„Ако не биде постигнат договор за 2.806 денари сега, од септември истото ќе изнесува 18,4 отсто односно онолку за колку што се зголеми минималната плата согласно Закон, каде што рокот од 6 месеци мора да се испочитува за што и Владата јасно истакна дека во рок од 6 месеци ќе се усогласат останатите плати и од тоа назад нема!“, се подвлекува во соопштението од ССМ.
Потсетуваат дека ССМ и синдикатите бараа зголемување на платата уште од 1 мај и поради тоа на улица излегоа преку 7.500 работници, кои јасно ја упатија пораката дека зголемени плати им се потребни веднаш, но очигледно пораката не е разбрана.
„ССМ настојува да се помогне на работниците со најниски примања и поради тоа барањето за зголемување на платите за 2.806 денари веднаш е солидарно решение, а во спротивно и од сигналите кои со ребалансот се испраќаат, солидарноста ќе ја снема и работниците ќе го бараат тоа што им следува по закон“, соопштија од ССМ.