
Руско-американските разговори на високо ниво започнаа во Ријад во Саудиска Арабија, објави ТАСС. Состанокот започна без вообичаените ракувања во присуство на новинарите.
Од руска страна на преговарачка маса се министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и помошникот на Кремљ Јуриј Ушаков. Наспроти нив се тројца американски преговарачи: советникот за национална безбедност на претседателот Доналд Трамп, Мајк Волц, државниот секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник на американскиот лидер за Блискиот Исток, Стив Виткоф.
Присутен е и извршниот директор на рускиот фонд за директни инвестиции Кирил Дмитриев. Тој даде изјава за медиумите по почетокот на разговорите.
Претставниците на руските и американските медиуми истовремено беа доведени до местото на состанокот. Медиумите влегоа во просторијата кога преговарачите веќе беа седнати на масата.
Средбата се одржува во една од палатите на кралското семејство, Дирија во комплексот Албасатин. На влезот се истакнати знамињата на Русија, САД и Саудиска Арабија, а поставен е и виолетов тепих.
Состанокот САД-Русија во Ријад „нема да има резултати“, тврди Зеленски
Киев нема да учествува во американско-руските преговори во Ријад и ги смета за бесмислени, изјави украинскиот лидер Володимир Зеленски.
„Украина нема да учествува“, им рече Зеленски на новинарите во понеделникот, додавајќи дека Киев „не знае ништо“ за претстојните разговори.
„Украина смета дека какви било преговори за Украина што се водат без Украина немаат резултати“, рече тој. „Ние нема да признаеме такви договори“.
Зеленски посочи дека неговата посета на Саудиска Арабија во вторникот „нема врска“ со средбата меѓу американските и руските преговарачи. „Посетата на регионот беше планирана долго пред САД да одлучат да се сретнат со Русија таму“, рече тој, цитиран од Политико.
Главниот помошник на Путин за надворешна политика, Јуриј Ушаков, во понеделникот потврди дека преговорите со Американците нема да вклучуваат трети страни. Тој рече дека разговорите имаат за цел да ја постават основата за ставање крај на украинскиот конфликт и да послужат како чекор кон „вистинска нормализација“ на односите со САД.