Во Русија откриен првиот случај на „британскиот“ сој на коронавирусот

Првиот случај на зараза со новиот сој на коронавирусот SARS-CoV-2 кој кон средината на декември беше откриен во Лондон и југозападна Англија е идентификуван во Русија кај лице кое допатувало од Велика Британија, потврди во неделата директорката на руската агенција за јавно здравство Роспотребнадзор Ана Попова во програмата на телевизијата Россия-1.

„Кај едно лице е потврден новиот сој на коронавирусот“, изјави Попова коментирајќи ги резултатите од повторните истражувања на наодите од примероците земени од Руси кои се вратиле изминатиот период од Велика Британија.

Случајот на инфекцијата со ткн „британски сој“ на коронавирусот во Русија бил регистриран на самиот крај од минатата година, и лицето кое се чувствувало добро повеќе не е заразно, додаде Попова.

„Кон крајот на изминатата година увидовме дека имаме варијанта на новиот сој во Велика Британија, кој предизвикува денес толку многу вознемиреност. Кај нас го имаше само кај едно лице. Истовремено мажот се чувствуваше и сега се чувствува добро, немаше никакви симптоми. Тој веќе не го лачи вирусот“, појасни Попова.

Додаде дека од крајот на ноември до 22-ри декември кога Русија го прекина воздушниот собраќај со Велика Британија која на 14-ти декември го потврди новиот сој на вирусот, во земјата преку британските аеродроми пристигнале над 7.000 лица. Кај 32 од пристигнатите било откриено дека имаат коронавирусот, од кои кај 28 лица болеста минала без клинички манифестации, додека четворица од нив ги имале. Двајца, пак, од нив развиле лесна форма на Covid-19, а двајца развиле умерена форма за која била потребна хоспитализација. Но, како што тврди Попова, сите овие лица биле пронајдени и повторно им бил земен материјал.

Според неа, PCR тестовите за коронавирусот кои се користат во Русија, исто така, може да го откријат присуството на „британскиот“ сој на вирусот. Покрај тоа, додаде Попова, вакцините кои се регистрирани во земјата, исто така, штитат од него.

Попова смирува дека овој нов сој не е поопасен, односно не предизвикува потешки форми на Covid-19, но потврдува дека е многу поинфективен.

Новиот сој на коронавирусот неодмана откриен во Велика Британија, можеби е од 50 до 74 отсто позаразен од другите досега познати соеви, сметаат експерите во светот.

По неговото појавување педесетинина земја изминатите седмици ги забранија во меѓувреме патувањата кон и од Велика Британија. Британскиот сој веќе е откирени во низа земји, меѓу кои се Кина, Канада, САД, Портуалија, Франција, Италија, Данска, Холандија, Јордан, Јужна Кореја и Чиле.

Речиси истовремено со Британија, и Јужноафриканската Република пријави дека регистрирала нов сосема поинаков сој на коронавирусот кој е потврден и во Франција. Во неделата, пак, Јапонија објави дека кај четири лица кои допатувале од Бразил открила сосема нов сој на вирусот, различен од британскиот и јужноафриканскиот.