Руските истражители во четвртокот соопштија дека привеле француски државјанин под сомнение дека собирал доверливи информации за активностите на руската армија.
Рускиот Истражен комитет објави во соопштение за јавноста дека мажот е осомничен дека повеќе години „собирал информации од областа на воените и воено-техничките активности на Руската Федерација“.
„Кога странски извори добиваат вакви информации, може да ги искористат против безбедноста на државата. Осомничениот со таа цел повеќепати престојувал во Русија, вклучително и во Москва, каде што за таа цел одржувал состаноци со граѓани на Руската Федерација“, се наведува во објавата на Истражниот комитет.
Истражителите истакнуваат дека мажот, кого не го идентификуваат во службеното соопштение, наскоро ќе биде обвинет првенствено затоа што не се регистрирал како „странски агент“ според рускиот закон, идентичен со оној што е на сила во САД уште од 1938 година, за што е предвидена казна затвор до пет години.
Од француското Министерство за надворешни работи досега не го коментираа случајот со францускиот државјанин уапсен во Москва.
Руската државна агенција ТАСС, исто така без да го соопшти идентитетот на приведениот Французин, го идентификува како вработен во Центарот за хуманитарен дијалог (HD), непрофитна организација со седиште во Швајцарија, на чијашто веб-страница се наведува дека работи од 1999 година за да „помогне во спречување, ублажување и решавање на вооружените конфликти преку преговорите и посредувања“ во земји како што се Шпанија, Филипини и Либија.
Француската службена новинска агенција AFP го идентификува уапсениот како извесен Лоран Винатие, и потврдува дека работел за споменатата невладина организација со седиште во швајцарска Женева.
Руската државна агенција РИА Новости пишува дека станува збор за 47-годишен француски државјанин кој според официјални извори, живее во Лозана, во Швајцарија, и е есеист писател, известувач, истражувач и консултант за меѓународни прашања.
„Запознаени сме дека Лоран Винатие, советник на Центарот за хуманитарен дијалог, е приведен во Русија. Работиме на разјаснување на подеталните околности и да го осигуриме ослободувањето на Лоран“, го цитира AFP својот неименуван соговорник од невладината организацијата.
Нема никакви информации од јавни извори дека HD работи и од кога во Русија и дали во оваа земја воопшто има свои канцеларии, вработни или активисти.
Центарот за хуманитарен дијалог до вечерта во четвртокот официјално не одговорил на барањата за коментар на агенциите AFP, Reuters и РИА.
На кусото видео објавено од рускиот Истражен комитет се гледа како маж во фармерки и црна кошула е уапсен во угостителски објект од маскирани службеници од обезбедувањето, придружуван до комбе и потоа внесен во зграда. Лицето на осомничениот е замаглено. Агенцијата Reuters го идентификуваше објектот прикажан на видеото како кафулето „Академија“ во центарот на Москва.