![koronavirus rusija](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/04/koronavirus-rusija.jpg?resize=696%2C431&ssl=1)
Руските здравствени власти во вторникот известија за рекорден број новозаразени на дневно ниво од 2.774 лица, со што вкупниот број заразени во земјата се искачи на 21.102 пациенти, од кои најголем број во главниот град Москва.
Во Русија, во изминатото деноноќие регистрирани се 2.774 пациенти со потврден Covid-19 во 51 регион ширум земјата, 22 починати и 224 оздравени пациенти, соопшти оперативниот штаб за справување со епидемијата.
Севкупно бројот на заболените во земјата достигнало до 21.102 лице во 82 градски средини, региони и окрузи, од кои оздравеле 1.694 пациенти, а на болеста ѝ подлегнале 170 лица. Спроведени се над 1,4 милиони тестови на коронавирусот.
Најголем број нови случаи во последните 24 часа се регистрирани во Москва – 1.489, со што вкупниот број заболени во престолнината изнесува 13.002 пациенти, од кои околу 6.000 се лекуваат дома. На дневно ниво следи Подмосковје со 460 случаи, Санкт Петербург со 121, а 97 заразени се бележат и во регионот Кома и 68 во Нижегордската област.
Властите во Москва предупредуваат дека во градот може да се јави недостиг од болнички кревети поради растот на заболените во следните две до три седмици, и покрај големите вложувања овој проблем да биде надминат. Москва дел од болниците започна да ги приспособува само за прифаќање на заболените од Covid-19, но се стравува дека тоа нема да биде доволно.
„Оперативниот штаб предвидува дека и покрај мерките за изолација… ќе дојде до недостиг од болнички кревети во следните две до три седмици“, објави московскиот оддел за здравство.
Поради тоа, московските власти одлучија уште 24 болници да ги оспособат за прием на заболените од Covid-19, со што би се дошло до бројката од 21.000 расположливи болнички кревети во рок од 10 дена.
Заменичката на московскиот градоначалник Анастазија Ракова уште во петокот предупреди дека ситуацијата станува сѐ подраматична.
„Како што расте бројот на пациентите со сериозни симптоми, здравствениот систем во престолнината е соочен со драматичен товар. Нашите болници и амбулантните услуги работат до своите крајни граници“, рече Ракова.
Во повеќето региони на сила е режимот на вонредна состојба, а на населението му е препорачано да остане во своите домови. Многу компании ја запреа работата, а уште од почетокот на февруари беа прекинувани воздушните и железничките врски со земјите кои беа најпогодени од пандемијата на коронавирусот.