Работните групи на власта и опозицијата викендов ги продолжуваат разговорите по Законот за јавно обвинителство откако минатата недела двете страни разменија предлози за идното законското решение.
Од владејачката и опозициската партија велат преговорите за Законот продолжуваат во очекување дека наскоро ќе се постигне договор и покрај разликите во позициите на двете страни.
На маса е последниот предлог на ВМРО ДПМНЕ, за којшто министерката за правда, Рената Дескоска во интервју за Канал 5 рече предлогот не е прифатлив, но е основа за решение. Власта смета дека предлогот од опозицијата не гарантира назначување на независен шеф на обвинителството за организиран криминал.
Во меѓувреме, до Собрание уште една иницијатива за измена на изборниот модел, тема за која власта и опозицијата исто така водат преговори. Претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов на пратениците им понуди текст за предлог закон за измени на Изборниот законик со кој што од досегашните шест изборни единиците би се формирала само една.
Претходно, група од 12 пратеници од Собранието иницираа процес за постигнување на меѓупартиски консензус за измена на начинот на избор на членовите на парламентот нудејќи концепт за поголема демократизација на изборниот процес.