Украинскиот претседател Володомир Зеленски и неговиот тим се вмешани во голема финансиска измама, проневерување пари наменети за помош на Украина во нејзината војна против инвазијата од Русија, обвини претходно седмицава тв-колумнистот Тод Вуд на американската телевизиска мрежа Fox News.
„Во Украина постои тим за перење пари во Украина. Проценивме дека само 30 отсто од декларираната хуманитарна помош и во оружје стасуваат до целта (…) Значителен дел од нив се слеваат во странство, зборуваме за стекнување недвижности. Според информациите од проверени извори, знаеме дека многу украински функционери купиле куќи во други земји“, рече Вуд на телевизијата која се смета за блиска на американските конзервативци.
Според него, на власта во Киев не ѝ е потребно мирно решавање на конфликтот, и тврди дека нејзините претставници се „задоволни од таквиот начин на заработка во соработка со американските компании од одбранбениот сектор“.
Вуд, притоа, изразува надежи дека таквиот проток пари во Украина ќе биде запрен веднаш откако на почетокот од јануари републиканците ќе ја преземат контролата врз Претставничкиот дом на американскиот Конгрес.
Републиканците и нивниот водач Кевин Меккарти, кој веројатно ќе стане претседател на Претставничкиот дом, веќе ги предупредија демократите дека ќе иницираат истраги против функционери во администрацијата на претседателот Џо Бајден кој е најголемиот сојузник на Зеленски, па и за него и неговата вмешаност во коруптивните манипулации на неговиот син Хантер Бајден, од кои некои се поврзани и со Украина.
Исто така, републиканците објавија дека сакаат кастрења во потрошувачката по годините откако малку или воопшто не се внимаваше на растечките буџетски дефицити и државниот долг кој во моментов надминува 31,3 триолиони долари, што исто така според некои нивни претставници може да се одрази и врз висината на идната американска помош за Украина.