На шест недели пред претседателските избори во САД од Ковид-19 веќе умреа околу 200. 000 лица, соопшти Универзитетот Џон Хопкинс.
Кога водечкиот американски епидемиолог Ентони Фаучи во март предвиде дека Ковид-19 може да убие толкава бројка Американци, скептиците остро го критикуваа и го обвинија за поттикнување страв. Но, Фаучи беше во право, и САД ја надминаа таа црна бројка многу порано отколку што некои експерти предвидуваа.
Од првата официјална смрт во САД на 6 февруари, во просек дневно умираа повеќе од 858 лица. Вкупниот број на жртви од Ковид-19 сега го надминува бројот на убиени Американци во последните пет војни заедно: Корејската, Виетнамската, Ирачката, Авганистанската и војната во Персискиот залив.
Претседателот Доналд Трамп накратко го искоментира фактот дека во САД досега умреле 200.000 луѓе од инфекција со коронавирус.
Американскиот претседател на редовниот дневен брифинг во Белата куќа повторно ги игнорираше дополнителните новинарски прашања во врска со црната бројка и го сврте разговорот во неговата вообичаена насока: обвинувајќи ја Кина за коронавирусот и велејќи дека бројот на загинати ќе беше многу поголем ако не преземеше одредени мерки.
“Го видовте мојот говор во Обединетите нации, Кина можеше да го запре вирусот во нејзините граници. Тие не требаше да дозволат ова да се прошири низ целиот свет и тоа е страшна работа”, додаде тој.