Социјалното незадоволство во Босна и Херцеговина не се намалува, а повиците за предвремени избори се зголемуваат, пренесе „АФП“.
Денес се очекуваат нови демонстрации во босанската престолнина Сараево, каде демонстрантите бараат оставка на Владата.
Во неделата неколку стотици Бошњаци протестираа пред опожарената зграда на тројното претседателство во Сараево со барање за оставка на владејачките.
Петти ден траат протестите во Босна. Луѓето преку транспаренти ја посочуваат тешката економска состојба, бараат оставки и ослободување на притворените демонстранти. Забележливо е големо присуство на специјалните полициски сили.
Повеќедневните протести во земјата резултираа со оставките на кантоналните функционери во Тузла, Зеница и во Сараево, а во Мостар оставка поднесе началникот на полицијата.