Во секоја земја во Африка живее барем по еден Македонец

Двајца Македонци живеат во Либиска Арапска Џамахирија, тројца во Јужен Судан, шестмина во Танзанија, двајца во Нигер, 16 во Палестина и 14 во Северна Кореја. Ова се дел од податоците од пописот на населението што ги објави Државниот завод за статистика (ДЗС), а кои покажуваат дека во дијаспората живеат повеќе од 204.805 нашинци.

Според табелата, Македонци живеат на Малдивите, во Доминиканската Република, а има и такви кои решиле да ја заменат топлата Македонија со Антарктикот. Интересно е тоа што речиси во секоја земја во Африка живее барем по еден Македонец, а тоа значи дека повеќе од 200 нашинци живеат на Црниот континент. Најмногу нè има во Мали – 43, во Египет – 23, во Гана – 16, во Судан – 15, во Танзанија – 6, во Нигер – 2 итн.

Овие граѓани, кои за време на пописот не живееја на територијата на Македонија, можеа да се попишат електронски, од местото каде што се иселени.

Очекувано, најмногу иселеници имаме во Швајцарија, 65.064, потоа следува Германија со 46.590, па Италија со 28.476, а многу иселеници има и во Австрија, каде се попишале 11.758. По неколку илјади иселеници има во европските земји, како Белгија, Данска, Шведска, Франција, Норвешка, Велика Британија.

Од соседните земји, најмногу иселеници има во Косово 1.378, потоа во Србија, 934, Бугарија 581, Албанија 440 и Грција 224.

На американскиот континент има 9.120 иселеници во САД, 3.171 во Австралија и 1.879 во Канада.