Во Шпанија се уапсени единаесет членови на српска криминална организација под сомнение дека нападнале конкурентна српска група во оваа земја, извести шпанската полиција.
Меѓу уапсените е и неименуваниот „водач на групата“ осомничен за криумчарење дроги, по кого Србија издала европска потерница во 2021 година.
Шпанската полиција започнала истрага во јануари кога пет тешко повредени српски државјани биле примени во болница во јужниот град Малага. Биле „претепани, мачени и ранети“, но не сакале да соработуваат со полицијата. Шпанската полиција стапила во контакт со српската полиција и дознала дека можеби станува збор за „опасни криминалци“.
Повредените Срби претходно престојувале во куќа во крајбрежниот град Естепона, на 85 километри од Малага, кога таму биле нападнати од непозната група. Полицијата во куќата пронашла траги од оружје и крв, како и јажиња. Инспекторите заклучиле дека се работи за „пресметка“ меѓу две ривалски групи криминалци.
Во близина на куќата, полицијата открила пиштол, чиј сериски број бил избришан а кој го оставиле напаѓачите. Набрзо открила дека нападот бил внимателно испланиран, изведен на начин кој потсетува на „воена тактика“ и дека куќата била надгледувана со дрон.
Во нападот учествувале осум лица, од кои пет упаднале во куќата, а тројца чувале стража околу неа, соопшти шпанската полиција. Неколку дена претходно, напаѓачите изнајмиле три автомобила и три куќи.
Полицијата уапсила вкупно 11 лица во областа на Малага, Мадрид и Барселона за кои се сомнева дека учествувале и го организирале нападот. Запленила три огнени оружја, куршуми, седум лажни лични документи, дрон и 16.000 евра во готовина. Деветмината уапсени со решение на истражен судија се задржани во притвор.
Сите приведени, чии имиња не се објавени, се идентификувани во соработка со српската полиција, додаваат од шпанските истражни органи.