Во Штип во градинките недостасуваат 50 воспитувачки и негувателки

Во двете штипски градинки „Астибо“ и „Вера Циривири – Трена“ и нивните клонови низ населбите недостасува стручен кадар.

Раководителката на Секторот за образование во Општина Штип Снежана Санева вели дека станува збор за околу 50 воспитувачки и негувателки. Најзагриживачки со недостатокот на ваков стручен кадар е во градинката „Астибо“ каде не се пополнети 35 работни места за воспитувачки и негувателки, а во градинката „Вера Циривири -Трена“ потребни се 12 вакви стручни лица.

– Директорите постојано алармираат, бараат согласности, меѓутоа не ги добиваат. Како вработените заминуваат во пензија, работните места остануваат непополнети, а бројот на деца е ист во градиннките, така што навистина треба да си виртуоз за да направиш таков распоред за да не трпи целиоит процес – рече Санева.

Таа посочи дека освен стручен, недостасува и технички кадар, како што се хигиеничарки, готвачи. Но, Санева додаде дека дополнителен проблем за воспитувачките и негувателките е тоа што засега не можат да добијат лиценци.

– Комисијата не се состанува, не ги подготвува тие испити и не се добиваат лиценци. И сега кога би се дала согласност за вработување, може да се соочиме да немаме кадар, бидејќи тие не располагаат со потребните лиценци за да работат во градинките – рече Санева.

За овој проблем со недостатокот на стручен кадар и пополнување на испразнетите места во градинките неколкупати реагираше Општина Штип.