Шведските здравствени власти објавија во четвртокот дека во последните 24 часа починале уште 84 лица како последица од зараза со новиот тип коронавирус, со што бројот на смртните исходи во скандинавската земја го минал прагот од две илјади.
Шведска, кралство со 10,3 милиони жители, презема многу поблаги мерки отколку повеќето земји во Европа во зауздувањето на ширењето на коронавирусот. Во земјата досега се регистрирани 16.755 заболени со Covid-19 и 2.021 починат, што е поголема стапка на смртност отколку во соседните нордиски земји.
Досега шведските здравствени власти сметаа дека пикот на епидемијата во Стокхолм, жариштето на епидемијата во земјата, бил на 15-ти април, но сега според ревидираните податоци тоа било една седмица порано, на 8-ми април.
Според податоците кои ги преиспитувала Агенцијата за јавното здравство, 70.500 жители на Стокхолм и регионот со 2,3 милиони население, биле потенцијални носители на вирусот на 8-ми април
„Бројот на заразените и натаму е висок, сега не е време за попуштање на мерките“, изјави на прес-конференција епидемиологот Андерс Валенстен.
Здравствените власти сметаат дека четвртина од населението коешто живее во Стокхолм и регионот на главниот град на 10-ви мај ќе бидат заразени со новиот коронавирус.
Во Шведска не е на сила ограничување на движењето на населението. Меѓу поважните мерки забранети се собири на повеќе од 50 лица, како и посети на домовите за стари лица. Во поглед на другите мерки владата ги повика граѓаните да бидат офговорни и да ги следат препораките на здравстветени власти.