Либиската национална армија (LNA), добро вооружена воена формација лојална на фелдмаршалот Калифа Хафтар која ја поддржува непризнаената влада чие седиште е во источниот град Тобрук, целосно го конролира стратешкиот крајбрежен град Сирт, блискиот аеродром и пристаништето, по брзото напредување на кое му претходеле воздушни удари, пренесува во понеделникот панарапската сателитска телевизија Sky News Arabia.
Според извештајот на телевизијата, борците на LNA се наоѓаат во центарот на градот и се подготвени да реагираат на секаков настан во него.
За силите на LNA, која од април поведе офанзива за заземање на Триполи, кое е седиште на меѓународно признатата Влада на националното едиснтво (GNА) којашто Хафтар ја смета за поврзана милитантните исламистички групи, освојувањето на Сирт претставува голем чекор. Градот е сместен на средината од либискиот брег, а од 2016 година го контролираа силите на GNA, кога со помош на американските воздушни удари од Сирт ги протераа борците на џихадистичката групација Исламска држава.
Агенцијата Reuters повикувајќи се на извори од силите на Хафтар, пренесе дека LNA ги заземала и областите околу Сирт, вклучително и воздухопловната база Ал Кардабија, пред да го зазема и самиот центар на градот.
„Врховниот командант се реши за внимателно планираниот превентивен удар, и за помалку од три часа бевме во срцето на Сирт. Тоа беше ненадејна, брза операција“, рекол портпаролот на LNA, Ахмед ал-Мисмари, додавајќид дека на нападот му претходеле повеќечасовни воздушни удари.
Друг воен извор од LNA за агенцијата рекол дека силите на GNA се повлекле кон градот Мисрата.
„Можеме да ги видиме конвоите на LNA надвор од Сирт. Сега контролираат голем дел од градот. Слушаме и престрелки“, рекол претходно во телефонско јавување за Reuters жител на Сирт.
Владата во Триполи засега не ги коментираше наводите за падот на Сирт.
Во неделата турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека Турција започнала да испраќа војници во Либија, кои треба да му помогнат на Триполи, кој ја има поддршката и од Катар, додека LNA е поддржувана од Франција, Египет, Обединетите Арапски Емирати а има и добри односи со Русија.
Сирт беше родниот град и последното упориште на силите лојални на деценискиот либиски автократски водач Моамер ел-Гадафи кој беше соборен и ливидиран во бунтот поддржан од Запад, во 2011 година. По неговото соборување Либија фактички престана да постои како унитарна земја и во неа владее двовластие.