Либиската национална армија (LNA), под команда на маршалот Калифа Хафтар се закани со соборување на цивилни авиони кои се користат за транспорт на оружје, пренесува агенцијата Reuters цитирајќи го портпаролот на овие сили Ахмед ал-Мисмари.
Од LNA тврдат дека следеле „Boeing 748-412“, кој долетал од Истанбул во Либија, и според овие сили авионот превезувал воена опрема.
Ал-Мисмари во изјавата за агенцијата ги предупредува другите превозници да избегнуваат да превезуваат оружје со нивните цивилни авиони, затоа што во спротивно „армијата ќе го собори кој и да е авион“ со оружје во него.
„Цивилниот статус на авионот се поништува доколку се користи во воени цели“, вели портпаролот на LNA.
Портпаролот додава дека источните либиски сили заплениле во саботата и брод кој пловел под знамето на Гранада, но со турски екипаж, во услови на зголемени тензии со Турција која ја поддржува власта во Триполи.
Турскиот парламент во саботата го ратификуваше меморандумот за воена соработка со владата во Триполи. Претходно турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган најави дека е можно турски сили да бидат испратени во Либија, доколку владата во Триполи го побара тоа од Анкара.
По соборувањето и ликвидацијата на поранешниот либиски автократски водач Моамер ел-Гадафи во 2011 година, Либија практично престана да функционира како единствена држава и сега во земјата има двовластие. На истокот власта е во парламент за кој гласаше тамошното население, а на западот во главниот град Триполи владее Владата на националното единство (GNA), формирана со поддршка на меѓународната заедница, која ја води Фајез Сараџ. Властите во источните делови дејствуваат независно од Триполи и соработуваат со LNA, предводена од маршалот Калифа Хафтар кој по соборувањето на Гадафи се врати од егзилот во САД и чии сили од април годинава се обидуваат да го заземат Триполи.
Портпаролот на LNA во разговорот за Reuters, исто така, рекол дека видеото објавено претходно во неделата е проширување на ултиматумот даден на борците во Мисрата, кои се во сојуз со владата во Триполи. Според новиот ултиматум, тие имаат рок до среда на полноќ да се повлечат од градот, наместо до полноќ во неделата.
„Силите коишто ќе се повлекуваат нема да претставуваат цел“, вели ал-Мисрати.