Војската на САД се соочува со недостиг од регрути

Photo by Chris Hondros/Getty Images)

Вооружените сили на Соединетите држави се соочуваат со недостиг од 150.000 регрути за да ја достигна целта од 1,3 милиони војници во сите шест родови војски, што претставува неочекуван ризик за националната безбедност, пишува во понеделникот агенцијата Bloomberg.

Моменталните бројки се алармантни. За да ја достигне целта од 1,3 милиони војници, Пентагон треба да привлече околу 150.000 регрути. Имајќи предвид дека до крајот на фискалната година (која во САД почнува во октомври – з.р.), Вашингтон сѐ уште не успева да оствари 15 отсто за постигнување на целта.

Најголем недостиг од персонал е забележан во Копнените војски на армијата на САД каде од почетокот на годинава до крајот на јуни, биле регрутирани 22.000 војници, што е за 60 отсто под годишната цел, се наведува во прилогот на Bloomberg.

Според тоа, американската армија може да ја заврши фискалната година со само 445.000 војници, речиси 40.000 припадници помалку од капацитетот на силите одобрени од Конгресот.

Главната причина за ваквата состојба е намалувањето на бројот на младите Американци кои се способни за воена служба. Се додава дека намалувањето на бројот на регрутите се доведува во поврзаност со зголемување на бројот на младите кои страдаат од прекумерна телесна тежина и поради раширеното користење на наркотици меѓу младите Американци.

Бројот на регрутите способни за воена служба на возраст меѓу 17 и 24 години е намален на 23 отсто, според јавно достапните податоци. Доколку се земат предвид и запишаните на високобразовните установи, овој показател се намалува на 12 отсто. Пентагон проценува дека само 9 отсто од младата популација која ги исполнува условите и сака да служи, што е најниско ниво од 2007 година, кога војната во Ирак беше во полн замав.

За пополнување на овој недостиг, американската армија нуди награда од 35.000 долари за регрутите кои се подготвени да ја започнат воената обука во рок од 45 дена, а им се нуди и да го изберат местото каде што ќе служат. Се овозможува и краткорочен договор за ангажирање во војската, па регрутите сега може да служат две години наместо стандардните четири години.

За надминување на овој проблем се разгледуваат и предлагаат разни мерки, се додава во прилогот, како што се стимулации за привлекување на регрути, како што е намалување на стандардите за физичката подготвеност или овозможување третмани за откажување од зависности и надминување на одредени медицински состојби, формирање кампови за апликантите кои имаат слаби резултати во кои ќе им се помогне да ги исполнат условите за служење во армијата.