3.8 C
Skopje
сабота, декември 21, 2024

Во Скопје и Тетово најмногу активни и нови ковид-случаи, нема дополнителни рестрикции

Нема потреба од нови дополнителни рестриктивни мерки бидејќи епидемиолошката состојба е стабилна, оцени вчера на состанок Комисијата за заштита од заразни болести, која констатирала лесно зголемување на нови ковид-случаи во Скопје и Тетово.

Според анализите на Комисијата, ширењето на вирусот во Тетово е поради непочитување на препораките и протоколите при организирање семејни и друг тип веселби во затворен простор.

-И покрај бројот на активни случаи и позитивни од тестирани за КОВИД-19, состојбата е стабилна, а во болниците нема притисок од хоспитализации. Комисијата за заразни болести во моментов останува на досега препорачаните мерки, кои би се заостриле во моментот кога ќе се укаже таква потреба, соопшти Министерството за здравство.

Од 221 активен случај во државата, во Скопје се 85, во Тетово 78. Во вчерашниот здравствен билтен тие имаа и најмногу новозаразени – по четворица од вкупно девет со позитивен тест на вирусот. Во вчерашната статистика беа евидентирани и 53 оздравени и немаше починат пациент.

На вакциналните пунктови низ државата вчера почна имунизирањето со „Фајзер“ на околу 1800 малолетници над 12 години чии родители/старатели ги пријавиле на сајтот vakcinacija.mk.

Паралелно тече и теренската вакцинација во помали места и рурални средини, а спортските сали кои беа отворени како регионални центри за антиковид-имунизација се во функција за ревакцини и почнуваат да се затвораат.

Низ светот се зголемува бројот на инфицирани луѓе, пред сè, поради делта сојот на коронавирусот. Речиси половина од 25-те милиони жители на Австралија сè уште се затворени во своите домови поради ширењето на овој сој, вклучувајќи ги и граѓаните на Сиднеј, најголемиот град во земјата.

Франција трет ден брои по над 10 000 новозаразени, а два дена по ред и Велика Британија бележи над 50 000, меѓу кои е и министерот за здравство Саџид Џавид. Но, во Англија вчера беа укинати речиси сите мерки против коронавирусот и беше прогласен Ден на слободата. Стадионите и големите сали од вчера се отворени со полн капацитет, како и дискотеките, а никакви ограничувања веќе нема ниту во пабовите. Не е задолжителна работата од дома, ниту носењето маска, но се препорачува во јавниот превоз и продавниците.

Во другите делови на Велика Британија – Шкотска, Велс и Северна Ирска – укинати се само некои од мерките против коронавирусот.

Според податоците на „Our World in Data“ што ги објави Евроњуз, Европската Унија вакцинирала повеќе луѓе против КОВИД-19 со прва доза во споредба со САД. Истражувањето покажува дека до саботата првата доза ја примиле 55,7 отсто од граѓаните на ЕУ во споредба со 55,5 проценти од Американците.

САД се, сепак, пред ЕУ во однос на целосната вакцинација, односно 48,1 наспроти 42,5 отсто од населението до саботата се вакцинирани со двете дози.