Во Скопје втор протестен марш против аерозагадувањето

Втор протестен марш против аерозагадувањето се одржува во Скопје на иницијатива на „Зелен Хуман Град“. Протестот започна пред Министерството за животна средина и просторно планирање, продолжува кон Собранието на Република Северна Македонија и кон Владата, а предвидено е да заврши пред бараките на Град Скопје.

Од „Зелен Хуман Град“ имаат имаат четири конкретни барања за борба против аерозагадувањето во Скопје.

„Првото барање е јавен континуиран мониторинг на индустриските објекти за да се знае точно кој и како загадува. Второто барање се однесува на еколошко загревање на објекти како Детската клиника во Козле, која сè уште се загрева на мазут. Третото барање е решавање на автоцентричноста во градот, со приоритет на јавниот превоз и велосипедите над автомобилите и четвртото барање е подобро управување со отпадот“, изјави Борјан Јовановски од иницијативата „Зелен хуман град“.

Од првиот протестен марш што се одржа на 10 декември поминаа речиси три недели.

„Две недели од доставените барања, а одговор од институциите уште нема. На кого му служат? Без чист воздух нема здравје! Без здравје нема живот! Ги полниме болниците и ги оставаме своите пари по аптеките“, изјавија од „Зелен хуман град“ во најавата за протесот.