Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски и претседателката на Советот на Град Скопје Ирена Мишева, денеска го посетија СУГС „Панче Арсовски“ на првиот училишен ден од учебната 2014/2015 година.
Градоначалникот Трајановски и претседателката на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, ги посетија учениците запишани во прва година во ова училиште и им посака добредојде, успех во совладувањето на наставните содржини и многу убави спомени од средношколските клупи.
Денеска почнува новата учебна година, а на учениците запишани во прва година им пожелувам што полесно да се вклопат во новата средина и да постигнуваат успех во учењето. Годинава во прва година во средните училишта на Град Скопје се запишани 5.768 ученици, а конкретно во СУГС„Панче Арсовски“ 121 ученик. Како и во изминатите години Градот Скопје во текот на овој летен распуст ги обнови и реконструира објектите на девет средни училишта што се во негова надлежност. СУГС „Панче Арсовски“ доби нова фасада, а беше реконструиран и оштетениот покрив, а во другите училишта се заменуваа прозорците и вратите; се обновија подовите во училниците и во фискултурните сали, се реконструираа санитарните јазли, како и дворните површини. Градот Скопје за реализација на овој проект од буџетот издвои околу 31,3 милиони денари. Градежните зафати за реконструкција на објектите и на спортските сали на средните училишта на Град Скопје придонесуваат за исполнување на стандардите за енергетска ефикасност и значително ги подобруваат функционалноста и изгледот на училишните објекти. Значајно е да се нагласи дека во текот на изминатите години, односно од 2009 година до 2015 година, Градот Скопје за реконструкција и санација на средните училишта од Буџетот има издвоено над 220 милиони денари, со што придонесовме значително да се подобрат условите за работа и на учениците и на наставниот кадар -истакна Трајановски.
Директорката на СУГС „Панче Арсовски“, Даниела Јовчевска, кажа дека училиштето годинава ги пречекува учениците со нова фасада и во многу посолидни услови за работа.