Словенечката полиција во последните пет дена во областа којашто гравитира кон границата со Италија привела 150 илегални имигранти и девет организатори кои им помагале во незаконското влегување во Словенија.
Во автомобил на 53-годишен Хрват во петокот полицијата од Копер открила тројца државјани на Турција кои во Словенија влегле илегално, соопшти полицијата во понеделникот. Ден претходно, во четвртокот, откриен е уште еден организатор на илегална миграција при рутинско запирање на возило со италијански таблички. Автомобилот бил управуван од државјанин на Албанија, а во возилото имало уште двајца Албанци кои илегално ја минале хрватско-словенечката граница.
Во саботата словенечката полиција од Копер, според договор со италијанската полиција, следејќи сомнителен автомобил кој не запрел на семафор, ја минала границата и интевернирала на италијанска територија. Возилото регистрирано во Германија притоа предизвикало сообраќајна несреќа. Во него се наоѓале двајца ирачки државјани и малолетно лице.
Најмногу интервенции во врска со илегалната миграција, полицијата имало во западниот дел од Словенија кон крајот на седмицата. Ноќта кон неделата кај местото Кежак полицијата запрела три автомобила регистрирани во Италија. Во првиот имало романски државјанин и италијанска државјанка кои биле водичи, а во следното возило имало 10 илегални мигранти од Еритреја, Авганистан и Пакистан. Во третото возило кое следело биле двајца државјани на Пакистан имале дозволи за престој во Италија, а биле приведени откако се обиделе да побегнат.
Претходно минатата седмица кај местото Мртвица во комбе кое го управувал српски државјанин биле отркиени 33 нелегални имигранти од Судан, Сирија, Мароко и Пакистан.
Словенија годинава бележи зголемен број апсења на илегалните мигранти кои преку ткн балканска рута заминуваат кон северот, но и на западот од Европа, при што една од дестинациите е соседната Италија.