
Осум кандидати и кандидатки ќе се натпреваруваат за словенечки претседател на изборите кои ќе се одржат на 22-ри октомври, а првпат досега меѓу нив има повеќе жени отколку мажи.
Рокот за предавање на кандидатурите истече на полноќ кон четвртокот, а листата на кандидатурите е заклучена и државната комисија службено треба да ја потврди подоцна во текот на денот. Последната потврдена пријава, со неопходниот број потписи, во комисијата ја предала кандидатката на Словенечката народна партија (SLS) Сузана Лара Краусе, изјавувајќи дека таа претставува нов лик во политиката, што е нејзина предност во однос на другите кандидати.
Неоспорен фаворит на изборите на коишто се кандидира за својот втор мандат, според поголем број на оцените во словенечките медиуми има актуелниот претседател Борут Пахор. Нему истражувањата на јавното мнение му даваат голема предност во моментов во однос на другите кандидати, па повеќето аналитичари сметаат дека единствената дилема е дали тој на 22-ри октомври ќе добие натполовично мнозинство од гласовите или ќе биде потребен и втор круг.
Меѓу партиските лидери, за кандидатура на изборите се одлучи само Људмила Новак, претседателка на опозициската партија Нова Словенија (NS), но тоа за оваа партија претставува всушност тест за расположението на избирачите за парламентарните избори следната година, бидејќи за избор не ѝ се даваат многу шанси.
Најголемата опозициска партија, Словенечката демократска партија (SDS) на Јанез Јанша, ја кандидираше за претседателската должност својата европарламентака Романа Томц, а за жена се одлучи и Партијата на модерниот центар (SMC) на премиерот Миро Церар, истакнувајќи ја кандидатурата на својата министерка за образование Маја Маковец Бренчич.
Кандидатка е и пензионираната учителка Ангелца Ликович којашто ја поддржува конзервативната вонпарламентарна партија Движење за децата и семејството (GOD) којашто во кампањата има намера да ги промовира вредностите на оваа партија и, најпозната по референдумот на кој го урна владиниот закон за зголемување на правата на еднополовите двојки. Таа веќе со свои изјави предизвика шок во словенечката јавноста.
Меѓу конкурентите на Пахор се и двајца локални политичари, градоначланикот на Копер, Борис Попович, и градоначланикот на Камник, Марјан Шарец.
На живописниот Попович, кој е многу популарен во својот град, но зад него се влечат и политички и правосудни аферi, не му се даваат многу шанси за добивање поголем број гласови, но некои мислат дека тоkму Шарец би можел да биде конкурент на Пахор во евентуалниот втор изборен круг.
Станува збор за успешен прв човек на гратчето близу словенечката престолнина Љубљана, кој вели дека е дојдено времето политиката во свои раце да ја преземе младото поколение политичари. Според досега објавените анкети, Шарец добива најмногу поддршка меѓу гласачите по Пахор, но како слабост му се припишуваат релативното политичко неискуство во однос на актуелниот претседател кој со политиката се занимава професионално и активно веќе 30 години, а бил на сите поважни државни функции.
Интерсно ќе биде да се види и дали во претседателската трка поголемо влијание ќе има „женскиот“ фактор. Односно дали повеќе Словенки коишто пред пет години гласаа за речитиот и шармантен Пахор овојпат ќе се одлучат својот глас да го дадат за некоја од припадничките на нивниот пол.