Во Собранието продолжува дебатата за предлозите за уставни судии пред матичната Комисија

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, на денешната седница на чиј дневен ред е утврдувањето предлог за избор на судии на Уставниот суд на Република Северна Македонија, расправа по биографијата на кандидатот Татјана Васиќ Бозаџиева, третиот од вкупно девет кандидати.

На дебатата учествуваат главно пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ кои имаат забелешки за, како што велат, нејзината некомпетентност, нестручност и немањето искуство во правосудството. Обвинуваат дека таа како предлог од мнозинството ќе биде послушник на власта и ќе работи по нејзин диктат.

-Во Република Македонија се знае дека оние кои се достојни да бидат на едни вакви позиции треба да бидат угледни граѓани. Не може некој кој што менувал функција и позиција на секои шест месеци, кој ги прошетал сите министерства и бил блиско лице од доверба на секој еден министер наеднаш да стане уставен судија. Можеби ја знае добро администрацијата, но не може да биде уставен судија, да правораздава во највиското судско тело од целиот правен систем, рече заменик координаторката на ВМРО-ДПМНЕ пратеничката Ели Панова, според која со ваков избор на кандидати власта покажува дека не сака подобрување на судството.

Пратеникот Панчо Минов кој е дел од парламентарното мнозинство во реплика на еден од говорниците од ВМРО-ДПМНЕ побара од опозицијата да не ги омаловажуваат кандидатите за судии туку да се фокусираат на изборот на уставни судии со цел Уставниот суд да профункционира во полн капацитет.

Претседателката на Комисијата за избори и именувања Марија Ѓеоргиевска изјави за МИА дека Комисијата ќе продолжи со седницата после 15 часот и по паузата ќе работат до 18 часот. Досега се пријавени десетина говорници за кандидатот Васиќ Бозаџиева. Координаторите на пратеничките групи за време на паузата треба да се усогласат дали Комисијата ќе ја продолжи седницата утре, или во понеделник.

Пратениците досега ја утврдија кандидатурата на граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје Фатмир Скендер, а покрај расправата за Тања Васиќ Бозаџиева која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство, треба да ја разгледаат биографијата и на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески како предлози од владејачките партии.

Од шестмината кои се предлози од ВМРО-ДПМНЕ, досега е одбиена кандидатурата на универзитетската професорка Родна Живковска. Предлози на опозицијата се и универзитетскиот професор Саво Климовски, судијата во пензија Бранко Секуловски, судијката од Управниот суд Весна Јовановска, обвинителот Тодор Витларов и Војислав Димовски јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид.

Уставниот суд повеќе од една година работи во нецелосен состав. Од предвидените девет члена на четворица им е истечен мандатот.