Во Собранието ратификација на договорите за признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан

Собранието на Република Македонија денеска ќе ја започне 111-та седница на која на предложениот дневен ред се 33 одлуки, закони и автентични толкувања.

На дневен ред на седницата, меѓудругите, се Предлог на закон за ратификација на Договорот за соработка меѓу Република Македонија и Република Албанија за враќање на незаконски изнесени икони во земјата на потекло, Предлог на закон за ратификација на Меѓународната спогодба за размена на податоци за проверка на изјави за имотна состојба, Предлог на закон за ратификација на Договорoт за слобода на движење со лични карти во Западен Балкан, Предлог на закон за ратификација на Договорот за признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан, Предлог на закон за ратификација на Договорот за признавање на професионалните квалификации на докторите по медицина, докторите по дентална медицина и архитектите во контекст на Централно-европскиот Договор за слободна трговија.

Пратениците во рамки на оваа седница треба да гласаат за Дополнет предлог на закон за дополнување на Законот за возила, второ читање, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за основање на Агенција за енергетика на Република Македонија, второ читање, Дополнет предлог на закон за зоотехника, второ читање, како и Дополнет предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи, второ читање.

На деневен ред на седницата е и Долгорочен план за развој на одбранбените способности 2023-2032, како и повеќе закони по скратена постапка и тоа измени и дополнувања на Законот за интероперабилност во железничкиот систем, измени на Законот за пријавување и евиденција на обврски, дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка, поднесен од пратениците Димитар Апасиев и Борислав Крмов.

Пратениците треба да се изјаснат и за Предлог на закон за изменување на Законот за субвенциониран студентски оброк, по скратена постапка, поднесен од пратениците Јован Јаулевски, Бојан Стојаноски и Ели Панова, како и за Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за субвенциониран студентски оброк, по скратена постапка, поднесен од пратениците Моника Зајкова, Санела Шкријел, Боби Мојсовски, Даниела Николова и Жаклина Лазаревска.

Исто така, на оваа седница се и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за земјоделско земјиште, по скратена постапка, поднесен од пратениците Панчо Минов, Марија Костадинова, Драгица Ѓавочанова, Лолита Ристова, Љубица Спасова, Марија Ангелова и Марија Кочовска и Предлог на закон за изменување на Законот за ловство, по скратена постапка, поднесен од пратениците Панчо Минов, Ненад Коциќ, Лолита Ристова, Драгица Ѓавочанова, Љубица Спасова, Марија Ангелова и Марија Кочовска.

Во прво читање се Предлог на закон за воздухопловство, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за безбедност на храната, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права и Предлог на закон за Агенција за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција.

На дневен ред на седницата се и годишните извештаи на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер за 2021 година  и на Судскиот совет за 2022 година.

Како 32 и 33 точка се барања за автентични толкувања и тоа на член 191 а во врска со член 7 од Законот за стечај, поднесено од пратеникот Јован Митрески, и на член 20 точка 8 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти, поднесено од градоначалникот на Општина Кавадарци.