Две лица загинаа во сообраќајна несреќа што рано утринава се случи на магистралниот пат Гостивар-Кичево. Несреќата се случила околу 7 часот во близина на каменоломите, информираат од СВР Тетово.
Починатите се возачи на двете возила кои учествувале во сообраќајката.
„Во несреќата учествувале две патнички моторни возила ‘ауди’ со странски регистарски ознаки управувано од Е.З. (42) од Кичево и ‘шкода’ со скопски ознаки што ја управувал Ш.Н. (48) од тетовско Камењане“, информираат од СВР Тетово.
Од здобиените повреди, двајцата возачи починале на самото место, а нивната смрт била констатирана од страна на екипи на гостиварската Итна помош. На местото на несреќата е извршен увид од страна на јавен обвинител.
Поради несреќата, повеќе од два часа сообраќајот на овој пат беше во прекин во двата правци.