Во соработка со УСАИД реновирано најголемото основно училиште во Општина Илинден

Во Општина Илинен на свечен начин беа предадени во употреба реновираните простории на ОУ „Гоце Делчев“, како дел од Проектот за меѓуетничка интеграција во образованието што Општината го реализираше во соработка со УСАИД.

На пригодната свеченост присуствуваа генерал-мајорот на Националната гарда од Вермонт, Стивен Креј, амбасадорот на Соединетите Американски Држави во нашата земја, Пол Волерс, министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми и домаќинот, градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски.

Со Проектот вреден над 3 милиони денари беше опфатена промена на 62 стари дрвени дотраени прозорци со нови алуминиумски со термопан стакло, промена на 5 влезни врати, рехабилитација и освежување на надворешната фасада, како и замена на котелот во училиштето. Со ова најголемото основно училиште во Општина Илинден „Гоце Делчев“, во кое се образуваат над 1.100 ученици, стана енергетско ефикасен објект.

Во рамките на Проектот за . меѓуетничка интеграција во образованието настанот беше искористен ОУ „Гоце Делчев“ и ОУ „Братство Единство“ од с. Коњари да потпишат меморандум за партнерство.

Општина Илинден низа години наназад успешно соработува со мисијата на УСАИД во Македонија, а плод на таа соработка е реализацијата на повеќе заеднички проекти во областа на образованието, културата, јавната администрација, животната средина и инфраструктурата, кои придонесоа за развојот на Општината.

Реализацијата на овој проект е дел од многубројните активности на Општина Илинден во областа на образованието, со цел на учениците да им обезбеди модерно образование, квалитетни услови за покажување на нивните способности и постигнување на високи резултати во образовниот процес.