Во Србија опаѓа бројот на Македонци, на пописот 14.767 лица се декларирале како Македонци

Во Србија според резултатите од пописот одржан во 2022 година, објавени денес на сајтот на Републичкиот завод за статистика (РЗС) живеат 6.647.003 лица, од кои како Македонци по националност се декларирале 14.767 лица, јави дописникот на МИА од Белград.

Доколку се споредат податоците од пописите во Србија, во 2011 година како Македонци се изјасниле 22.755 лица, на пописот во 2002 имало 25.847 македонци, а во 1991 имало 45.068 нашинци, тоа укажува дека континуирано се намалува број на граѓани во Србија кои се изјаснуваат како припадници на македонското малцинство.

Резултатите од пописот, бројната состојба на секој народ надвор од својата матична држава во друга држава, се важни за секоја заедница, па така и за нашата македонска заедница во Србија. Неофицијалните податоци со кои располагаат Македонците во Србија, како што јави дописникот на МИА, и неофицијалните податоци од ОБСЕ говорат дека во Србија живеат околу 150.000 до 200.000 Македонци.

Македонците во Србија ги имаат сите права, дури и поголеми права во однос на Македонците од остатите републики на Балканот, со истакнување на остварените резултати во образованието, културата, информирањето и службената употреба на јазикот и писмото и дека македонците можат слободно да се изјаснат за својата национална припадност, затоа загрижува опаѓањето на нивниот број, или безмалку половина за десет години, ако во 2011 имало 22.755 Македонци, а во 2022 само 14.767, пренесува дописникот на МИА.

На ова состојба треба да се посочи дека во Србија на последниот попис за првпат како Горанци (област Гора на Шар Планина-Косово) се изјасниле 7.700 лица.

-Ако се имаат предвид повеќе реални фактори што влијаат на изјаснувањата на пописот, миграциите на младите Македонци како и сите други млади, природната смртност, „постојаната тивка“ асимилација која ја има во Србија, слогата односно неслогата, делбите помеѓу Македонците во Србија за кои најголема вина има Националниот совет, без оглед на изјавите од советот колку и што е сработено, дека ги имаме сите права, немањето на КИЦ и Лекотрат, не е никакво изненадување, што за овој попис бројот на Македонци во Србија е 14.767, изјави за МИА Славе Груевски од Здружението на Македонците “Даме Груев” во Србија.

Тој оценува дека резултатите од пописот се битни за финансирањето на Националниот совет на Македонците во Србија и над 50-те здруженија.

-Од вкупните средства што државата ги издвојува за Националните совети, 30 проценти се распоредуваат подеднакво за сите совети, а останатите 70 проценти се делат на советите, сразмерно на бројот на секое малцинство по последниот попис. Бројките од пописот, се битни и за нашата матица земја, не само заради гласањата во амбасада, туку и заради грижата за нас, кои сме надвор од нашата матица и кои треба да бидеме мост на поврзување во многу области, посочи Груевски.

Според резултатите од пописот одржан во 2022 година, објавени на веб-страницата на РЗС, во Србија има вкупно 6.647.003 граѓани, од кои најмногу, како и на претходните пописи, се Србите, 5.360.239.

Според резултатите објавени од РЗС, Албанци има 61.687, Бошњаци 153.801, Бугари има 12.918, Буњеваци 11.104, 21.013 Власи, 7.700 Горанци и 27.143 граѓани кои се идентификувале како Југословени.

На пописот имало и 184.442 Унгарци, 14.767 Македонци, 39.107 Хрвати, 20.238 Црногорци 2.829 Словенци, 13.011 муслимани, 2.573 Германци и 131.936 Роми.

Според објавените податоци, во Србија има 23.044 Романци, 10.486 Руси и 11.483 Русини, 41.730 Словаци, и 3.969 Украинци.

Како „останати“ според објавените податоци има 21.643 лица, а од оние што се изјасниле за регионална припадност 11.929.

Не се изјасниле 136.198 лица, а како „непознати“ се запишани 322.013 граѓани.