Во Србија повеќе од 1.000 случаи на голема кашлица, без продолжување на распустот

Српската министерка за здравство Даница Грујичиќ во средата изјави дека нема причина за продолжување на зимскиот училишен распуст, иако во Србија има ковид-19 и три типа грип, но бројот на заболени се намалува, додека најновите податоци покажуваат дека повеќе од илјада лица се заразени со голема кашлица.

Според податоците на Градскиот институт за јавно здравје, до неделата на 14-ти јануари, во Белград се евидентирани 565 пријавени случаи на голема кашлица кои се епидемиолошки третирани.

Бројот на нови случаи на неделно ниво не се намалува бидејќи има „уште најмалку 100 пациенти кои не се јавиле на лекар“, изјави Ивана Беговиќ Лазаревиќ, раководител на одделот за имунизација во Институтот за јавно здравје во Белград.

Во Србија заклучно со 31-ви декември 2023 година официјално се регистрирани 909 случаи на голема кашлица, а поради ширењето на инфекцијата на крајот од декември беше прогласена епидемија во Белград, иако бројот на нови случаи не се зголеми драстично.

Во Војводина лани здравствените власти регистрирале 521 случај, што е значително повеќе од претходните години, но бројот на новозаболени ќе се намалува со почетокот на 2024 година.