Во Србија во средата пристигна пратка со лекот против коронавирусот кој го произведува американската компанија MSD, објави на социјалните мрежи претседателот Александар Вучиќ.
„Нов лек против короната пристигна во Србија! Купен е во САД, а во Европа заедно со нас го купија само Данска, Литванија и Словенија. Животите и здравјето на луѓето немаат цена“, изјави Вучиќ.
Додаде дека станува збор за таблети и дека една кутија е доволна за пациентот.
„Ги набавивме за 11.500 пациенти, а ќе има и за 50.000 пациенти. Се однесува на луѓе кои реагираат во првите пет дена од позитивноста на коронавирусот. Обично најзагрозени се гојазните, оние кои боледуваат од дијабетес и кардиоваскуларни заболувања. Лекот спасува животи, спречува огромен процент на смртни случаи“, истакна Вучиќ.
„Производител е американскиот MSD и горд сум на фактот што само во Данска, Литванија и Словенија го имаат овој лек“, порача Вучиќ.
Компанијата „MСД Србија“ објави во средината на октомври дека потпишала договор со Владата за набавка на молнупиравир, орална антивирусна терапија за лекување на благи и умерени инфекции предизвикани од SARS-CoV-2 кај возрасните и наведе дека доколку биде одобрен, лекот ќе обезбеди рана терапија за 50.000 пациенти.
Српскиот претседател Вучиќ во објавата најави и дека во првиот квартал од следната година го очекува лекот за Covid-19 на американската фармацевтска компанија „Pfizer“.