![01000000-0aff-0242-6cc2-08dbd541564e_cx0_cy11_cw0_w1597_n_r1_st_s](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/10/01000000-0aff-0242-6cc2-08dbd541564e_cx0_cy11_cw0_w1597_n_r1_st_s.png?resize=696%2C391&ssl=1)
Во Србија во средата официјално почна да функционира систем за итно предупредување на јавноста и започнување потрага по исчезнати деца.
Системот наречен „Најди ме“, односно „Amber alert“ или „Find me“, се користи за итно известување на јавноста во случаи на исчезнати деца, а според директорот на Центарот за исчезнати и малтретирани деца Игор Јуриќ, ова е прв ваков систем во регионо.
Јуриќ се присети на трагедијата во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“, кога 13-годишно момче во мај годинава пукаше во своите соученици убивајќи десетина од нив, велејќи дека општеството пропаднало и дека сите се виновни.
Како што претходно беше најавено, полицијата ќе одлучува за активирање на системот врз основа на нивната проценка, кога ќе добие пријава, освен во случај кога ќе се активира автоматски – доколку исчезнато дете е во животна опасност, ако се работи за деца со посебни потреби до 18 години или помлади од седум години.
По прибирањето на основните податоци, дежурната полициска служба ги известува сите полициски службеници за започнување на потрага по исчезнатото дете и на електронската платформа ќе објави известување за неговото исчезнување.
Ова ќе ги вклучи медиумите кои ќе ја прекинат редовната програма со објавување на слика од исчезнатото дете и релевантни информации, на пример за местото каде што последен пат е видено.
Овие пораки ќе ги испраќаат и мобилните оператори, а пораките ќе ги пренесуваат и компаниите како „Путеви Србија“, аеродромот „Никола Тесла“, како и автобуските и железничките станици. Во втората фаза, кругот на ширење на информации би ги вклучил трговските центри и социјалните мрежи.
Пријавите од граѓаните треба да се добиваат на полицискиот број 192, а откако ќе се најде детето сите пријави се бришат. Системот го добил името по деветгодишното девојче од Тексас, Амбер Хагерман, кое било киднапирано и убиено.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој присуствуваше на пуштањето во употреба на системот „Најди ме“, изјави дека во изминатите две години имало 3.889 трагања по исчезнати малолетници. До моментов 3.859 потреги се прекинати, а 30 не се прекинати, односно тие деца не се пронајдени.
„Ако системот ни помогне да најдеме барем едно дете, целата вклученост на државата, сите вложени пари ќе се исплатат повеќекратно. Животот на секое дете е многу поважен од што и да е друго“, рече Вучиќ.