![Srbija apsenje](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/Srbija-apsenje.jpg?resize=468%2C320&ssl=1)
Во неколку српски градови во петокот, во втората акција оваа седмица, уапсени се уште 13 лица осомничени за злоупотреби вредни над два милиони евра, соопшти главниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград (ВЈТ), Ненад Стефановиќ, наведувајќи дека некои осомничени се во бегство.
Ова е втора акција на српската полиција и обвинителство за три дена, откако во средата беа уапсени 14 лица, меѓу кои и поранешниот шеф на Српското електростопанство и функционер на владејачката Српска напредна партија (СНС), Милорад Грчиќ, и неколку бизнисмени, кои се обвинети за повеќе од милион евра добиени со корупција, злоупотреба и примање или давање подароци.
Обвинителството на новата група уапсени ѝ припишува измама во деловното работење, со што нанеле штета на Републичките стоковни резерви и на фирмата „Маковица“ од Младеновац поради лажно пријавување складирање на 23,66 милиони килограми семенска пченица.
Дел од ланецот на злоупотреби беше и тргувањето со криптовалути, а Обвинителството со прегледување на отворените бази на податоци поврзани со криптовалутата „Еуме“ утврди дека таа нема берза или вистинска употребна вредност.
Вишото обвинителство ќе предложи издавање налози за апсење на осомничените кои се недостапни за судските власти, изјави обвинителот Стефановиќ за новинарите.
Белградските медиуми јавуваат дека еден од првоосомничените е на Флорида и дека станува збор за „контроверзниот бизнисмен од Војводина, Владимир Врбашки“, во чија фирма полицијата влегла утринава по налог на обвинителството, а во тек се истраги и претреси.
Обвинителството ќе нареди и финансиска истрага против уапсените и други поврзани лица.
На осомничените им е одредена мерка притвор до 48 часа и во тој рок ќе бидат спроведени на распит.