-По интензивна децениска заложба на државата за враќање на квалитетот и вредноста на средните стручни училишта и за повторно афирмирање на неформалниот систем на обука, денеска можеме да кажеме дека имаме модерен и атрактивен систем на стручно образование и обука, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Во обраќањето на настанот по повод заокружувањето на проектот за зголемување на привлечноста, релевантноста и инклузивноста на стручното образование и образованието на возрасните, Јаневска оцени дека земјава може да се пофали со полни средни стручни училишта во кои учат над 70 отсто од вкупниот број средношколци во државата, како и со добро опремени училишни објекти и реформирани наставни програми со поголема застапеност на практичната обука, за сметка на теоретската настава.
– Воспоставен е концепт на дуално образование, со вклученост во наставата на над 550 компании, развиен систем на стипендирање ученици кои одбираат стручно образование со преку 1500 стипендии на годишно ниво, формирани се и три регионални центри за стручно образование и обука, два во развој и три нови што допрва ќе ги основаме и етаблираме во преостанатите плански региони, потенцира министерката.
Ова се, рече, поважните остварени резултати од проектот поддржан од ЕУ. Според Јаневска, иако проектот завршува, соработката со експертите ќе продолжи.
-Имаме уште обврски за кои очекуваме помош, како оние од Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, каде јасно е потенцирана важноста на образованието, истакна Јаневска.
Таа потсети дека во моментов се надградува законската регулатива која го уредува средното, стручното образование и обуката, како и образованието на возрасните.
Од голема важност е, подвлече, низ инклузивен процес да се формулираме новата правна рамка, за практична спроводливост и висока ефективност.
На настанот, покрај експертите од проектот, присуствуваат и претставници од образовниот сектор. Проектот се реализираше 36 месеци.