Во стампедо на делење бесплатни намирници 31 жртва во Нигерија

Триесет иедно лице смртно настрадало а уште седум други се повредени во стампедото при делење бесплатни намирници во градот Порт Харкурт во јужна Нигерија, објави полицијата во саботата.

„Стампедото се случило кога мноштвото луѓе започнале да се туркаат за да добијат бесплатни намирници и оброци“, изјавила за германската агенција DPA, Грејс Иринге-Коко, портпаролка на полицијата во нигериската сојузна држава Риверс.

Првичните информации укажуваат дека пред почетокот на делењето на храната луѓето започнале меѓусебно да се туркаат по што следело стампедото. Мртвите и повредените биле пренесени во блиската градска воена болница, додала.

Локалните медиуми претходно известија дека многу луѓе се собрале на добротворната манифестација под називот „Купувајте бесплатно“ одржано во „Поло клубот“ во Порт Харкурт. Многумина на влезот чекале уште од петокот.