Во стан во Велес пронајдени мртви мајка и син

Полицијата денеска во 11 часот пронашла две мртви тела на мајка и син во стан на улица „Ѓорѓи Војтех“ во близина на градинката кај „Жаба зграда“, откако соседите телефонски пријавиле во СВР Велес.

– Полицијата ги повикала пожарникарите од ТППЕ Велес да влезат во станот. Екипа на СВР Велес влегла, а смрт кај две лица констатирала медицинска екипа на Брза помош која била повикана од полицијата – информира портпаролот на ЈЗУ Здравствен дом д-р Стархил Тодоров

Нивна екипа констатира смрт кај две лица, а за понатамошната постапка е надлежна полицијата и ОЈО Велес.

Од ОЈО Велес најавија дека телата ќе се предадат на обдукција за да се утврди причината за смртта.

Соседите алармирале бидејќи неколку месеци тие не ги виделе мајката и синот да излегуваат надвор.Тие велат дека мајката (89-годишна жена) била слепа, а нејзиниот 53-годишен син имал психички проблеми, но не правел проблеми. Посочуваат дека иако имале материјални примања како ранлива категорија не биле соодветно згрижени, а немале семејство во градот.