Во станот на младиот Сомалиец кој во петокот попладнето во центарот на баварскиот град Вицбург уби три и тешко повреди шест лица најдени се материјали со пораки за верска омраза, а при нападот извикувал „Алаху Акбар“ и „Џихад“, соопштија во саботата претставниците на власта.
„Во станот на сторителот пронајдени се материјали со пораки со омраза, чијашто содржина сѐ уште е предмет на истрага“, изјавил на прес-конференција портпаролот на полицијата во Вирцбург, Армин Кухнерт.
Портпаролот потврдил дека сторителот во текот на масакрот извикувал „Алаху Акбер“ и „Џихад“, но и покрај тоа, рекол дека во моментов не може да се тврди точно кои се мотивите за петочниот напад.
Дневниот весник Bild, повикувајќи се на полициски извори, дека станува збор за пропаганден материјал на радикалната сунитска џихадистичка организација Исламска држава.
Напаѓачот, 24-годишен државјанин на Сомалија, пред извесно време повторно бил на психијатриско лекување и во последно време, како што беше соопштено и во петокот, покажувал „агресивно однесување“.
Во јануари годинава бил вмешан во еден инцидент во засолниште за бездомници во кое живеел, кога исто така посегнал по нож но тогаш никого не нападнал.
Засега нема информации дали Сомалиецот побегнал или бил пуштен од медицинската установа во која неодамна бил згрижен поради психички проблеми. Државното обвинителство и полицијата, исто така, не можат со сигурност да одговорат зошто жртвите на неговиот напад биле исклучиво жени.
„Според сегашната ситуација во истрагата, можно е и да станува збор за случајност“, рекол Кухнерт на прес-конференцијата.
Според поподробните информации соопштени во саботата, Сомалиецот во петокот попладнето влегол во една стоковна куќа во центарот на Вирцбург, каде што од продавачката барал да му покаже кујнски ножеви, по што земал еден и веднаш со убоди во пределот на вратот ја усмртил продавачката и две жени коишто се наоѓале во близина. Една од жените е прободена дури 13 пати во грбот.
Потоа излегол на улицата и таму продолжил со нападите сѐ додека полицијата не го совладала со намерно ранување во бутот. Вкупно со сериозни повреди се потврдени шест лица, од кои едно сѐ уште е во критична животна опасност.
Сомалиецот во 2016 година во екот на мигрантската криза и политката на отворените граници на канцеларката Ангела Меркел влегол во Германија, а во Вирцбург престојувал од 2019 година. Во моментов е уживател на ткн супсидијарна заштита, што значи дека му е одбиено барањето за азил и статус на бегалец, но дека не се протерува пораи тоа што во земјата на потеклото му се заканува опасност.
Во саботата утрото бил изведен пред истражен судија кој му одредил притвор на неодредено време.
Нападот во Вирцбург предизвика шок и огорчување меѓу политичарите ширум Германија, а шефот на државата Франк-Валтер Штајнмаер изјави дека сторителот мора да ги почувствува мерките на правната држава.
Пред пет години во близина на Вицбург млад Авганистанец со секира и нож во воз нападна и повреди неколку лица, по што беше смртно застрелан во пресметка со полицијата.