Во Штип протесен марш на СОНК и КСС

Со протокалови елеци, балони и свирчиња, предводени со паролата „Пристојна плата – Сигурни работни места“ протестираа низ штипските улици членовите на општинските организации на СОНК и на Конфедерацијата на слободни синдикати.

Првите синдикалци на КСС и на СОНК, Благоја Ралповски и Јаким Неделков и од Штип побараа покачување на платите во јавниот сектор од јануари годинава, согласно процентот за колку е зголемена минималната плата, потоа исплата на К-15 за јавната администрација и да се стопира тансферот од јавен во приватен сектор.

Обвинија дека и за овој протестен марш имало притосоци од власта за да не се приклучат наставниците и административците на протестот.

Добиваме информации дека во одредени установи или општини се организираат регионални натпревари и состаноци, и тоа од вчера за денеска, се со цел да не спречат, да не опструираат овдека на плоштадот во Штип. Но, можам да кажам слободно дека ние сме голем синдикат и колку повеќе да не спречуваат, толку повеќе ќе бидеме на улици. Не можат да не спречат да направиме ниту протест, ниту да си ги побараме барањата, кои се сосема легитимни, вели Ралповски.

Првиот човек на СОНК, Јаким Неделков истакна дека, е очигледно оти Владата нема слух за нискиот социјален статус на вработените во јавниот сектор, за несигурните работни места, за недоволниот социјален дијалог помеѓу засегнатите страни и селективниот однос на министрите кон одредени синдикати. Тој забележа дека час поскоро треба да се седне на заедничка маса со министрите за образование, труд и социјална политика и клутура и да се разговара за првата на вработените во овие сектори.

 Огромен број луѓе кои се овде и огромен број на вработени во јавната администрација се незадоволни од состојбите. И по вакво лошо време се охрабрија да излезат на јавен протест каде што јавно ќе го искажат своето незадоволство од состојбите во јавниот сектор, рече Неделков.

Раководствата на СОНК и на КСС не се изненадени што ресорните министри не дојдоа на протестот во Штип и покрај тоа што им упатија покана за изворно да ги слушнат барања и состојбите во овие државни сектори. Доколку не почнат преговори за исполнувања на испорачаните барања, во тој случај следниот протест се најавува во западна Македонија, а потоа и во Скопје, за на крајот да се радикализира со генерален штрајк.