5.956 студенти ќе можат да се сместат во студентските домови ширум земјава во претстојната 2014/2015 година.
Министерството за образование и наука објави конкурс, а студентите што се пријавуваат треба да пополнат електронска пријава поставена на веб страницата на министерството. Студентите може да конкурираат за прием само за еден студентски дом. На оние лица што се пријавиле повеќе пати за валидна ќе им се смета последната пријава, пред доставувањето на потребните документи, пишува Дневик.
Рокот за електронското пријавување на студентите од втора година и повисоките години започна од вчера (16.07.2014) и ќе трае до 10.08.2014 година. За студентите од прва година, рокот за пријавување почнува од 19.08.2014 година и трае до 24.08.2014 година.
Од Министерството за образование и информираат дека доколку по објавувањето на конечните списоци со примени студенти по домови останат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, електронското пријавување ќе продолжи се до нивно пополнување, но најдоцна до 22.09.2014 година.
Распределбата се врши на тој начин што 40 проценти од вкупниот број на расположливите места во домовите се за студенти за кои вкупните приходи во семејството се до минималната нето-плата, 25 отсто од вкупниот број на расположливите места во домовите се за студенти што постигнале особено висок успех во учењето, 20 отсто се обезбедуваат за студенти што првпат ќе бидат запишани во прв циклус на јавните и на приватните универзитети и на високообразовните установи во Република Македонија, пишува Дневник.