Во денешниот напад со дрон на отворен пазар јужно од суданската престолнина Картум, загинаа најмалку 40 лица, соопшти локалната служба за вонредни состојби.
Најмалку 30 лица се повредени во нападот во населбата Мај во Картум, соопштија група активисти на Комитетот за отпор и двајца здравствени работници во Универзитетската болница Башаир, каде повредените се префрлени на лекување, пренесува АП.
Група активисти објави видео на социјалните мрежи на кои се гледаат тела завиткани во бели чаршафи во дворот на болницата, наведува британската агенција, истакнувајќи дека не е познато кој стои зад денешниот напад.
Судан е зафатен од насилство од средината на април, кога тензиите меѓу армијата, предводена од генералот Абдел Фатах Бурхан, и паравоените сили за брза поддршка, командувани од генералот Мохамед Хамдан Дагало, прераснаа во отворен вооружен конфликт.
Борбите оттогаш се проширија во повеќе делови на земјата, претворајќи го Картум во бојно поле.
Според податоците на Обединетите нации за август, во конфликтот загинале повеќе од 4.000 лица.
Над пет милиони луѓе се раселени во Судан или ја напуштиле земјата за да го избегнат насилството, според Меѓународната организација за миграција.