Седумдесет и осумгодишната Ѓ.Ѓ од Свети Николе била измамена од дрско и бескруполозно непознато лице, кое и побарало пари, бидејќи нејзината внука учествувала во сообраќајна несреќа, во која како што и има кажано загинало осумгодишно девојче. Портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова, во писменото соопштение до медиумите вели дека 78-годишната жена случајот во полиција го пријавила вчера во 16 часот.
-Ѓ.Ѓ.(78) од Свети Николе пријавила дека од едно лице била измамена за сума од 2.000 евра. Според пријавеното, на 21 јануари во 11.00 часот телефонски и се јавило лицето и се претставило како полициски инспектор од Скопје и ја известил дека наводно нејзината внука направила сообраќајна незгода во која загинало осумгодишно дете и за да не оди во затвор и побарал 2.000 евра, кои требала да ги даде на лице кое веќе тргнало кон Свети Николе”, се вели во соопштението на СВР-Штип.
Исто така, во оваа соопштение се наведува дека според пријавеното, околу 12.15 часот пред нејзината куќа со такси возило дошло непознато лице кое ги зело парите, кои наводно требало да ги даде на полицискиот инспектор. Од штипската полиција информираат дека се работи во расчистување на случајот.
Истовремено, СВР-Штип, во соопштение додава дека во периодот од 18 до 21 јануари во Полициската станица Свети Николе, пет лица од Свети Николе пријавиле обид за измами на сличен начин, за кои во тек е постапка за нивно документирање и расчистување.
Имајќи ја предвид оваа ситуација од СВР Штип апелираат до граѓаните да бидат внимателни и да не наседнуваат на вакви или слични измами и сите сомнителни случаи да ги пријават во Полициска станица или на телефонскиот број 192.