Во светот има рекордни 80 милиони раселени лица

Кон средината на 2020 година, во екот на пандемијата на коронавирусот, бројот на бегалци и раселени лица во светот надмина 80 милиони, што е најголем досега, соопштија Обединетите нации.

Високиот комесар за бегалци на ОН, Филио Гранди изрази жалење што светот го достигна тој „мрачен граничник“ и предупреди дека ситуацијата ќе се влоши доколку „светските власти не ги запрат војните“.

-Меѓународната заедница не успева да го зачува мирот, рече Гранди, истакнувајќи дека во последните две децении е дојдено до двојно зголемување на присилните раселувања.

На почетокот на годината, 79,5 милиони луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови поради прогон, конфликт и кршење на човековите права, а тој број надмина 80 милиони во средината на 2020 година, се наведува во извештајот на Високиот комесаријат за бегалци на ООН (УНХЦР).

Бројот од 79,5 милиони вклучува 45,7 милиони раселени во нивните земји, 29,6 милиони бегалци и насилно раселени надвор од нивната земја и 4,2 милиони азиланти.

„Постојните и новите конфликти, како и новиот коронавирус имаат драматични последици по нивниот живот во 2020 година“, се наведува во соопштението на УНХЦР.

И покрај итниот повик на генералниот секретар на ООН во март за светско примирје за време на пандемијата, судирите и прогоните продолжија, соопштија од ОН.

Насилството во Сирија, Демократска Република Конго, Мозамбик, Сомалија и Јемен предизвика нови поместувања на населението во првата половина на оваа година. Нови раселувања се пријавени и во регионот Сахел, во централна Африка, каде што цивилите биле подложени на брутално насилство, силувања и егзекуции, соопшти УНХЦР.

Во извештајот се наведува дека некои мерки преземени за спречување на ширењето на Ковид-19 отежнувале бегалците да стигнат до безбедни места.